kaleto navecer

Скопје изобилува со културно-историски споменици кои со векови во себе го носат неговиот дух и идентитет. Една таква неодминлива убавина е Калето, белег и симбол на градот, а воедно и едно од неговите најраздвижени и најпосетувани места. Секојдневните прошетки по оваа тврдина се навика која трае и е дел од културата на живеењето на скопјани.

Податоците од истражувањата велат дека првата град-тврдина била подигната во шестиот век, на простор што неколку милениуми претходно, во праисторијата (неолит и рано бронзено време), бил населен, за што сведочат пронајдените остатоци од живеалишта. На тврдината доминирал и денес видливиот бедем со античка структура на надворешната страна. За градењето бил користен материјал од жолтеникав варовник или травертин, којшто, заедно со трите фрагменти со латински натписи, упатува на претпоставката дека потекнува од римскиот град Скупи, што бил целосно разурнат по силниот и катастрофален земјотрес, во 518 година.

Времето на градење на тврдината се совпаѓа со времето на владетелот Јустинијан, кој во Дарданија, според одредени извори, изградил осум, а обновил шеесет и една тврдина. Поврзаноста на Скопје и на скопското Кале со владеењето на Јустинијан е тема која што е мошне актуелна, бидејќи постојат претпоставки дека големиот предизвик за науката и за истражувачите, мистериозниот град Јустинијана Прима, се наоѓал токму на оваа локација.

Шестиот век е и век на варварските наезди и обиди за уривање и за освојување на утврдениот град, проблем со кој населението на Кале тешко се справувало, така што утврдата набргу била разурната или, пак, оштетена во поголема мера.

Подигнувањето на средновековниот град-тврдина врз остатоците од рановизантиската, датира од периодот од десетти до единаесетти (дванаесетти) век, време на повторно заземање и и завладување на овие простори од страна на Византија, по што следуваат бурни години исполнети со војни и со немири. Подетален запис за изгледот на Калето во овој период речиси и не постои, освен во неколку повелби од четиринаесеттиот век, во кои се споменуваат некои негови карактеристични градби, како што се Големата порта, Облата пирга, Водената пирга, како и цркви кои подоцна биле разурнати.

juzno-istochnata portaНо, ни се чини дека вистинска слика за величествената убавина на оваа тврдина ја доловуваат зборовите на патописецот Евлија Челебија, кого патот го довел во Скопје во 1660 година.

Тој запишал: „Тоа е утврден град, цврсто и јако утврдување со двојни бедеми. Градската порта и бедемите се изградени од обработен камен што свети како да е полиран. Толкава префинетост и уметност во обработката не може да се види ниту во еден друг град. Градот лежи во средината на Скопје. Тоа е висок град, со шедадовска градба со петоаголен облик. Бедемот, со којшто е опкружен градот од сите страни, е висок до педесетина аршини. Градот е заштитен со седумдесет бастиони и три демир порти на југоисточната страна, а во предворјето се наоѓаат многу стражари. Вратата и ѕидовите на тоа предворје се накитени со разно оружје и со алат потребен за оружјето.

Не постои положба што би доминирала над градот, тој самиот лежи на високи карпи така што од него се гледа целото поле. Од западната страна тече реката Вардар. На таа страна има пат што води низ пештерите кон водената кула, што се наоѓа на брегот на реката. Поради тоа што на таа страна од градот се наоѓа провалија, страшна како пеколните длабини, таа таму нема ровови, ниту може да го има. На источната, југоисточната и северната страна на градот, се наоѓаат длабоки ровови. На таа страна, пред портата, се наоѓа дрвен мост префрлен преку ровот. Стражарите понекогаш го подигнуваат тој мост со помош на чекрк и така создаваат брана пред портата. Над оваа порта се наоѓа натпис во кој се кажува кога оваа порта била поправана. Натписот гласи: Мудриот син на Мехмед-хан во годината осумстотини и педесетта (односно 1446 година).“ (Споменици на културата во С. Р. Македонија, група автори, Мисла, Скопје, 1971).

Историјата го памети Калето и како простор каде биле сместени воени магацини, болница или пак затвор, на кој постарите жители секако се сеќаваат и редовно го спомнуваат, раскажувајќи анегдоти од детството и младоста.

Погодено и оштетено во земјотресот од 1963 година, подзаборавено и одново актуализирано, едно е сигурно – тоа е секогаш присутно, зачувувајќи ги и криејќи ги, во своите пукнатини, гласовите за изминатите времиња, за вечниот круг на уривања и повторни создавања.

kaleto od ptichja perspektiva

Пронајдете ја англиската верзија тука.